Печати

Изложба „Човек – број“ од Стефан Анчевски

Во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“отворена е изложбата „Човек – број“ од уметникот Стефан Анчевски ( 3.9.- 19.9.2021). Изложбата е поддржана од Министерството за култура.

Уметникот Стефан Анчевски за ликовниот опис на делата со наслов „Човек – број“ вели дека настанале од секојдневието.

-Чекањето на шалтер со бројче во рака е најактуелната форма на нумерирање на луѓето во современиот начин на живеење. Принципот на „земи бројче“ можеби од една страна го олеснува воспоставувањето ред на чекање на шалтери на скоро веќе сите јавни администрации, банки, оператори ит.н. но, од друга страна она „најстрашното“ чекање не е изоставено. Токму тоа е појдовната точка на овој ликовен проект, кој сосема случајно (во тоа бескрајно чекање) почна да се развива за да го анализира човекот како број, поточно да го претвора или само да констатира дека од човековиот идентитет ( единствен матичен број), редниот број во училишниот дневник, бројот на индекс, па се до бројот на чевли, среќен број, број на години, број на шеќер во крвта....... човекот се одредува, т.е. дефинира по случајност на броеви. Меѓутоа, не се работи за констатација, туку за чувство што го добивам секогаш кога ќе се повикам на одреден број – јас се претворам во број или бројот станува „јас“?

Изработените графички решенија се со различни постапки и техники добиени по пат на случајност, без контрола врз една од најконтролираните ликовни техники – графиката. Со одбирањето на ваквата постапка ја надополнив содржината на моите дела – контролирањето и воведувањето ред со броеви на човековото постоење наспроти човековата природа, наспроти она што човекот во својата суштина – е – вели Анчевски.

Стефан Анчевски, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“(2017). Учествува на повеќе групни изложби во земјава и странство и на повеќе ликовни колонии.


AdmirorGallery 3.0, author/s Vasiljevski & Kekeljevic.