Печати
Изложба на скулптури од Марјан Стојаноски
Во ликовната галерија, воочи празникот 11- ти Октомври, беше отворена изложбата на скулптури од прилепскиот уметник Марјан Стојаноски. (10.10 до 23.10.2019)
Присутните, меѓу кои и градоначалникот Илија Јованоски, ги поздрави в.д.директорот Марија Спиркоска Илијеска, која посочи дека Центарот за култура е водечки во ликовната уметност во презентација на творештвото на уметници од земјата и од странство.
За првата самостојна изложба на Mарјан Стојаноски во родниот град, иако досега изложувал во други градови во земјата и во странство, и е автор на повеќе дела, зборуваа Јана Јанеска Ристески и Викторија Димеска историчари на уметноста.
Според Јана Јанеска Ристески, Марјан Стојаноски е скулптор кој успева на металот да му најде судбина во уметноста, да го определи карактерот, да го идентификува вкусот и да ја постави стабилноста на критериумот. -Разиграноста во просторот е видлива, а отсјајот на металот ја креира алката на убавото и уметничкото. Неговите креации ги следат светските уметнички движења и се на некој начин его на 21 век - рече Јана Јанеска Ристески.
Според Викторија Димеска, преку дисциплинарната техничка постапка, Стојаноски создава идејни решенија и концепти за монументална скулптура во урбан простор.
- Податливоста на металот како материјал за изработка на скулптурата, како и техниката на заварување, му овозможува на скулпторот да создава различни,по форма, структура и големина делови и конструктивни елементи... Апстрактно - асицијативните и метафорични метални скулптури остваруваат интеракција со природата и урбаниот простор, симболизирајќи го креативниот моќен потенцијал на енергијата и материјата - посочи Викторија Димеска на отворањето на изложбата.
Марјан Стојаноски дипломирал ФЛУ во класата на проф.  Ибрахим Беди. Член на ДЛУМ и ДЛУП. Добитник е на наградата за скулптура „Јордан Грабул“. Реализирал повеќе проекти и освоил награди на повеќе конкурси.

AdmirorGallery 3.0, author/s Vasiljevski & Kekeljevic.