Печати

55 - години “СТРЕМЕЖ“

“Стремеж“ кон крајот на шеесеттите години имаше тираж од над четири илјади примероци, односно четири илјади и двеста претплатници, тираж на кој денес можат да му позавидат и дневни весници. На почетокот од осумдесеттите години “Стремеж“ востанови издавачка дејност (книги) во која се објавија педесетина изданија од македонски и светски автори.

Се прекршува петтата и длабоко се навлегува во шестата деценија откако, на овие, простори се појави списанието “Стремеж“. Во Прилеп, во почетокот на март 1954 година тиражот од илјада примероци, во два големи излитени куфери, го донесе Миле Неделкоски.

Тогаш не ни сонувале, а камо ли да помислат, за дол­гите издавачки денови што му претстојуваат на Спи­са­нието, и дека ќе прерасне во своевиден сподвижник на то­гашната литература во зародиш. За овој податок свиде­тел­ствуваат близу четиристотини објавени броеви, отто­гаш до овој, со тираж од околу шестотини илјади при­мероци, со над три илјади прилози, од над две илјади соработници.

Речиси сите активни писатели и културни работници во разни области кај нас, потоа, голем дел од писателите на поранешните Југословенски простори, по­тоа, значајни творци од Балканот, Европа и од светот.

Од првиот број на Списаниево се правел напор тоа да се дефинира, за конечно, некаде кон средината на осумдесеттите години од минатиот век главно да се програмира како списание за литература.

Списанието, од почетокот на седумдесеттите години од минатиот век, страниците главно ги намени за критиката и естетиката, жанрови што недостасуваа, а и денес недостасуваат. Оттогаш се објавени триесетина тематски броеви, посветени на автори или на проблематики во литературата, кај нас и во светот.

Иако ова е само пригоден текст сепак мора да се вратиме назад, на почетоците, на оние кои први почнаа: Орде Караџоски, Глигор Крстески, Ристо Лозаноски, Ѓоре Напески, Петар Поповски, Методија Галески, Борислав Кулески, Миле Неделкоски, Лидија Ежова, Ѓорѓи Костоски, Коце Солунски, Миле Попоски, Александар Џукески, Илија Кафкалески...,а и многумина други што беа вљубеници во “Стремеж“.

Би била неправда ако не го посочам писателот Ѓоре Напески, долгогодишен главен и одговорен уредник на “Стремеж“ кој ценам, е најзаслужниот за овој јубилеј.

На почетокот од седумдесетите години од минатиот век, поточно во 1971 година, тогашниот основач на Списанието, Социјалистичкиот сојуз на Прилеп, го прекина финансирањето, со што практично го укина. Ѓоре и јас собравме над стотина потписи, практично од сите тогашни членови на Друштвото на писатели и од неколкумина општествено – политички и културни работници, потписите се претворија во своевидна петиција, па финансирањето го презеде тогашниот Републички СИЗ за култура.

По моето доаѓање во Редакцијата (1969), потоа на Благоја Ристески – Платнар и Слободан Рошкоски, Списанието се повеќе се отвораше за млади автори и кон светската литература.

Нешто подоцна, во “Стремеж“ дојде Санде Стојчевски кој воведе една чудесна динамика во уредувањето, вклучи многумина млади и талентирани автори меѓу кои Бранко Цветкоски, потоа Јовица Тасевски и др., па во тоа време, мислам до денес, Списанието се нареди во водечките кај нас.

Сепак, феномен е, што “Стремеж“ кон крајот на шеесеттите години имаше тираж од над четири илјади примероци, односно четири илјади и двеста претплатници, тираж на кој денес можат да му позавидат и дневни весници. На почетокот од осумдесеттите години “Стремеж“ востанови издавачка дејност (книги) во која се објавија педесетина изданија од македонски и светски автори.

По овој повод, изоставив многу имиња и многу други релевантни податоци за Списанието. Не ми беше цел да правам подетална анализа за тековите и развојот на Списанието. Една таква анализа има направено Ѓоре Напески во споменатиот текст, а таа се однесува на периодот 1954 - 1974. Дотогаш, навистина се случувало едно мало чудо – чудото “Стремеж“, тоа продолжи и натаму, триесет и пет години, до денес, се надевам дека и натаму ќе трае.

Извадок од обраќањето на Трајче Крстески, Главен и одговорен уредник, по повод 55 - годишнината од постоењето на Списанието за литењратура, уметност и Култура “Стремеж“