![]() |
![]() |
![]() |
60 - ет години јубилеј на Прилепскиот театар
Прилепскиот театар на 18.02.2010 година одбележува 60 години од формирањето. Годишнината од формирањето ќе биде одбележана со прикажување на три хит-претстави на театарот и со изложба на фотографии и плакати. На денот на јубилејот, во четврток во 20 часот ќе биде прикажана претставата „Од кол на кол” од Реј Куни, во режија на Коле Ангеловски, претстава ќе биде изведена по 50 јубилеен пат. Во петок, во 19.30 часот е македонската бренд претстава „Тапани во ноќта”, од Брехт, во режија на Мартин Кочовски (30 изведба ) и во сабота „Крпен живот”, од Стале Попов, во режија на Владо Цветановски (15 издание). Влезниците за претставите ќе бидат симболични по 30 денари. Централната прослава на годишнината ќе биде пред театарскиот фестивал, по реновирањето на внатрешноста на театарот, за што Министерството за култура додели финансиски средства. Во рамките на јубилејот, а во соработка со Драмски театар на седми, осми, деветти, и десетти април прилепскиот театар ќе гостува во Скопје. Ќе се прикажат 4 претстави и тоа: ,,Тапани во ноќта”, ,,Крпен живот”, ,,Таму каде што не сум бил” и новата претстава ,,Кавкаски круг со креда” од Брехт, во режија на Мартин Кочовски. Планирана е изградба на нов театар, но и вработување на млади дипломирани актери, кои се столб на новите претстави во театарот. Првата претстава одиграна во Прилепскиот театар е „Кир Јања” од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, која била прикажана во 1950 година. Досега во Прилепскиот театар се прикажале над 350 премиери, се изиграле околу 7000 претстави кои ги гледале речиси 1, 5 милиони луѓе. Во долгата традиција, најгледана и најиграна претстава, стопати изведена, е „Солунски патрдии” од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски, прикажана во 1984 година. По неа е ,,Од кол на кол”, „Молам за секс” и други. Театарот голем успех постигнал и со претставите „Силјан Штркот”, „Кумови”, „Собирен центар”, „Туѓо сакаме свое не даваме”, „Колобан”, „На два стола”. “Спиро Црне”, „Колобан”, „Арсениј”, „Полковникот птица”, „Опера за три гроша”. Сепак со претставата „Тапани во ноќта” од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, се постигнаа најголемите резултати во досегашната историја на куќата. Беа освоени по три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и на 44-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински”. Она што е за одбележување е дека на сцената на прилепскиот театар за првпат се поставувани текстови на Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески - Платнар, Трајче Крстески, Петар Петрески... Таа традиција за прикажување на праизведби продолжува.
|