Печати

Изложба од Павлина Илијеска

Во ликовниот салон е отворена изложбата „белег на времето“ од уметницата Павлина Илијеска. Нашата сограѓанка се претставува со десетина големи дела на кои го пренесува културниот континиум на историските текови.

Викторија Димеска , историчар на уметност за нејзините дела ќе забележи - 

„Црпејќи инспирација од македонската традиционална музика и танц, а особено поетските стихови на Конески, уметницата ја создава композицијата насловена според истоименото оро и песна – „Тешкото“. Во подножјето на Маркови Кули претставена е група на играорци како го изведуваат орото. Со ликовната интерпретација на стиховите: „...сè сенка до сенка, сè еден до друг – во бескрајно оро син оди по татка, по деда си – внук.“, композицијата преминува во метафора за: мачниот опстанок и борба на македонскиот народ, стремежот за ослободување и сопствен напредок, непоколебливата волја за надминување на историските неприлики, истрајноста и многувековниот културен континуитет на градот Прилеп.

Преку редуцирањето и симплифицирањето на формите во композициите „Слободен видик“ и „Насилство врз децата“, уметницата навестува нов експресивен сензибилитет. Асоцијативните редуцирани форми и темните боени тонови постануваат ликовни синтагми преку кои се изразуваат комплексни емотивни доживувања – копнежот за слобода, исцрпувачкото чувство на заробеност, страв и немоќ. Употребувајќи ја моќноста на ликовниот јазик таа ја пренесува пораката за соодветна заштита и грижа на најмладите кои претставуваат идна водечка сила во општеството.“

Според културологот Звонко Димоски, „заедничка карактеристика во делата на Илијеска е слободата, односно нејзиното интуитивно пројавување, без разлика дали сликарката ни претставува така наречени патриотски мотиви, или го допира егзистенцијалниот бит на единката. Занимавајќи се со единката, Илијеска вешто продира и се судира со стравот, неспокојот и потрагата по начините за повторно народување. И тука, и во случај на патриотско-локалните теми, вториот план, односно споменатата позадинска интерпретација е творивото кое смирува, оплеменува, радува или ја додава дополнителната сила за истрајност кон слободата, како што се на пример сликани мотивите поврзани со Тешкото, прилепска Могила или Чаршијата со градската Саат-кула.
Илијеска слика слобода која не останува само во рамките на имагинарното, или пак слобода која вечерва ќе не одведе на барикадите на градскиот плоштад, туку таква која несвесно нѐ разнежнува, иако можеби очекувањата биле поинакви“ .

Павлина Илијеска е родена во Прилеп, 1949 година. Образованието го завршила во родниот Прилеп.Интензивно почнува да слика на свои 57 години, во 2006 година. Нејзиниот опус до 2015 година брои над 146 сликарски платна со претстави на  градски ведути и пејзажи, изработени воакрилна техника. реализирала неколку самостојни и групни изложби. Член е на ДЛУП.


AdmirorGallery 3.0, author/s Vasiljevski & Kekeljevic.