![]() |
![]() |
![]() |
Изложба на дела од Тања Таневска Во ликовната галерија е отворена изложбата на дела од уметницата Тања Таневска, чиј интерес е насочен кон полето во реконструкција на минливоста на материјалите кои ги избира (женски чорапи,амбалажа,картони) и ги преточува во една нова сопствена возбудлива приказна за взаемноста на музиката и ликовната уметност и нивната поврзаност во техниката на колажот . -Авторката низ сопствените истражувања, но и искуствата преземени од историскиот контекст на кубистичките колажи, ги преточува и сублимира во сопствени лесни,брзи знаковни системи на нивните кодови. Нејзиниот интерес за колажот како техника претставува можност на материјалите да им даде нов живот и значење, а тие низ креативноста на авторката да го добијат ефектот на ,,размножување“ за подоцна да добијат и други форми преточени и во нејзиното сликарство. Колажите ја носат во себе семантиката на формите на жичените инструменти од кои најприсутен е обликот на гитарата.Тие во себе го обединуваат машко –женскиот принцип, хармонизиран во бесконечноста на универзалната смисла на постоење.Авторката Тања Таневска во колажите менталните игри ги преточува низ ликовниот јазик, кој го организира низ тонските вредности надополнети од обоеноста на материјалите и нивните текстури во сложувалка во која се дополнуваат и испреплетуваат транспарентноста и полнотијата на материјалноста ,со што таа го отфрла кафезот што тежи од внатрешното искуство и им дава ,,одраз“ на слобода во нивната хетерогеност – вели ликовниот уметник м-р Жаклина Глигориевска – Кочоска за делата на Таневска, која има дипломирано на ФЛУ, реализирала бројни самостојни и групни изложби во земјата и во странство и била дел од повеќе ликовни колонии. |