![]() |
Премиера на "Погребални игри" ,,Погребални игри,, од Џо Ортон, во режија на Југослав И. Кочоски е првата претстава за 2015 година која театарот ,,Војдан Чернодрински,, при ЦК,,Марко Цепенков,, премиерно ја прикажа на 14 март. - Кога започнавме разговори за тоа што би можел да понудам во театарот се сетив за текстот на Ортон и затоа што знам дека публиката сака и знае да цени добра комедија. Токму затоа најлогичен избор беше Погребални игри, односно како што во оригинал се вика - Плен. Текстот е доста актуелен, како пишуван за кај нас денес, и иако во суштина се работи за Англија во раните 60 - ти, нема потреба од никакви интервенции за да стане јасно што се случува на сцената и за нашата публика, дека парите се доволна причина за одеднаш да ги снема сите табуа и се да биде оправдано за да се стигне до нив - вели режисерот Кочоски. На режисерот Кочоски ова му е прва соработка со театарот. - Со актерите имавме прекрасен процес со позитивната енергија и елан за работа, што е многу поважен од реалните технички услови и мислам дека се додека ја има таа воља за работа, прилепскиот театар ќе продолжи со успесите - додава режисерот. Во претставата играат Марјан Чакмакоски, Јасмина Мицовска - Станкоска, Михајло Миленкоски, Димитар Црцороски и Александар Тодески. Сценографијата е на Бојан Маневски. |