Изложба „Лепени, сечени, монтирани„ од Сергеј Дамовски
Тематската изложба „Лепени, сечени, монтирани“ од Сергеј Дамовски, е отворена во ликовната галерија. (18 мај – 31 мај 2018). Уметникот се претставува со интересни дела, за кои на отворањето зборуваше историчарот по уметност Викторија Димеска.
– Дамовски зборува за еден специфичен и еклектичен ликовен јазик.
– Посетителот може да воочи дека преовладува конструктивен, речиси строг академски пристап при нивното ликовно и визуелно интепретирање и обликување. Уметникот строго се придржува за грубата и остра линија која заповеднички ја гради формата. Човековиот акт претставува основен фокус на уметникот. Меѓутоа, истиот тој постанува и дел од основната матрица на конструктивни елементи со кој ќе се послужи уметникот за изразување на сопствениот концепт…. Во некои од делата се забележува кршењето на сликарскиот предмет, неговото отворање и разложување, пренесувајќи го истиот во две димензии, губејќи го волуменот и тежината. Уметникот прави обид да го разложи преметот, креирајќи нова свесност за просторот и времето, давајќи можност на посетителот да го набљудува предметот од повеќе агли и перспективи….рече Димеска.
Дамовски е дипломиран ликовен педагог со вајарство од ФЛУ Скопје и работи како професор во СУГС„Цветан Димов“во Скопје. Во изминатите години активно учествува во културното творештво во земјата, преку многу самостојни и групни изложби и колонии во земјава и во странство.
Добитник е на награда за најдобар портрет 2004 – ДЛУМ, награда за вајарство „ Јордан Грабул“ 2013….Од декември 2013 до март 2015 беше претседател на ДЛУМ. Неколку пати беше учесник на ликовната колонија Дрен што ја реализираше ЦК„Марко Цепенков“ во изминатите години.