Изложба „Циклични пулсирања“ од Слободан Милошески
Изложбата „Циклични пулсирања“ од уметникот Слободан Милошески е отворена во изложбениот салон на ЦК „Марко Цепенков“.
Слободан Милошески, како што забележува Џемил Бектовиќ е зрел автор од помладата генерација која моментално твори на балканската уметничка сцена.
– Она по што овој автор се одвојува од останатите е неговата перманентност во работата и активизмот, подеднакво на општествено ниво на делување, како и на интимна уметничка профилација. Овој автор развива конструирана скулптура во една врста апстракција, слична на руските конструктивисти, со идеја таа да се трансформира во симболичка форма или динамичка структура – вели Бектовиќ за творештвото на Милошески, кој има дипломирано на ФЛУ отсек вајарство.
Милошески моментално е докторант на Националната уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „скулптура“. Работи како доцент по предметите вајање и вајарски техники на Ликовната академија при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.Член е на Друштво на ликовни уметници на Македонија од 2009год. и досега има реализирано 16 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 40 групни изложби во земјава и странство. Реализирал бројни скулптури во јавен простор, а добитник е на 13 награди и признанија.