Од 3 – ти до 14 ноември 2025 во Ликовната галерија од Центарот беше отворена изложба на дела од 17 -та ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен 2025“, што Центарот ја реализираше во септември со поддршка на Министерството за култура и туризам.
На изложбата беа презентирани дела од 16 уметници – учесници на колонијата од земјава, Србија, Хрватска и Црна Гора. (Звјездана Јембрих, Јуре Кокеза и Злата Томљеновиќ од Хрватска, професорот Звонко Павличиќ од Црна Гора, Снежана Манасиќ од Србија, Стефан Анчевски, Васко Горѓиев, Дејан Макаријоски, Верче Николоска, Александар Џинго, Ферди Булут, Марјан Стојаноски, Златко Крстески, Емил Димоски, Слободан Милошевски и Бојана Тошевска, кои на Центарот и на градот му оставија вредни уметнички дела, кои ќе сведочат за нивното убаво дружење, размена на искуства и творештво.)
-На изложбата беа презентирани 27 слики на уметници од различни старосни структури, творечки индивидуалности, ликовни сензибилитети и поетики, успешно остварени во разноврсни ликовни техники, како масло и акрил, но и комбинирани пристапи кои спојуваат повеќе медиуми. Со ова, во културолошка смисла изложбата претставува преглед на моменталниот пресек на современото уметничко творештво и потврдува континуитет во популаризација и негување на сликарската колонија, изразувајќи го нејзиното значење и вредност, со што придонесува за развојот и афирмацијата на ликовната уметност – вели м-р Звонко Павличиќ, за делата од колонијата Дрен 2025.







