Во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ отворена е изложбата „Сеќавање“ со дела од уметникот Васил Костов. ( 6.12.- 20.12. 2024).
Изложбата, ја отвори Елена Чагороска, историчар на уметност, која рече дека ликовниот профил на Васил Костов е претпознатлив, синоним на континутет и развој на ликовната уметност во Прилеп.
– Со ликовната поставка насловена „Сеќавање“ се заокружува и се остварува замислата на Васил Костов – комлетна презентација на уметничкото достигување, најголем успех во ликовната дејност кој остава печат на уметник на прилепската, македонската ликовна сцена и пошироко. Уметничкото достигнување во творечкиот период од шест децении како активен неуморен на речиси сите ликовни полиња со разновидна техника и материјали: масло на платно (каде што е доминантен), акварел, гваш, графика, обиди на работење во дрво и други материјали….Полн со емотивни чувства, уметникот започнува секоја слика, сеќавања и доживувања да ги сублимира, со идеја за серијал на слики насловени како „Сеќавање“ – бегалски сеќавања од 1945 – 1952 година. Творбите на Костов во богатството на своите потенции, содржат извонредно доследен, естетски, сублимиран вид создавање, на едно колористички и обликувано, диференцирано и специфицирано ликовно творештво…. Во неговата ретроспектива на ликовен план, тематски обработува објекти, предели, мртва природа, камени површини. Костов успеваше да постигне ефекти на рамнотежа помеѓу формата, идејата, композицијата, тоналитетот и нарацијата. Делата предизвикуваат естетско доживување, ја покренуваат фантазијата кај гледачите, а уметникот умее да си поигра со колоритот на боите, хармоничност и потези кои го напојуваат окото на гледачот – вели Чагороски.
Васил Костов има реализирано бројни самостојни и групни изложби, учествувал на ликовни колонии, работел сценографии за претстави и за неговото творештво е добитник на бројни награди и признанија.







