Љубителите на уметноста на 25.10.2024, во Ликовна Галерија Прилеп имаа можност да присуствуваат на отворањето на изложбата на слики “Нова димензија во создавање 2” од академската уметница Александра Димитрова од Кочани, која за првпат пред нашите сограѓани се претстави со 19 дела. Изложбата ќе биде отворена до 1 ноември 2024.
Уметницата Димитрова во нејзините дела визуелно манифестира сликарски автентични димензии и раскошни колоритни универзуми рече на отворањето Викторија Димеска, историчар на уметност.
-Разновидните брановидни линии обврзуваат женски портрети, коишто суптилно се преобразуваат во симболични претстави со креативен наратив и емотивен поттекст.
Многуликоста на разните контрастни линии дополнително пробудува бројни доживувања и чувствувања – рече Димеска.
Уметницата со делата раскажува свои визуелни наративи во кои посетителот ќе може да ужива. Потсвесно или намерно, Димитрова од разиграните слики богати со бои и текстура извлекува со лесна и конструктивна линија одредени ликови и портрети, кои се идеализирани, но сепак носат одредена емоција, лиричност и грациозност вели Синиша Новески.
– Стилски, нејзините слики се блиски до експресионизмот, енформелот со призвук на надреални и импресионистички тактилни доживувања, кои носат еден индивидуален ликовен ракопис. Сликите се прозорци на денешното турбулентно динамично живеење во кои секој може да се пронајде во раскошот на боите и формите и да креира свој дијалог на современата егзистенција – додава Новески
М- р АлександраДимитрова која дипломирала на ФЛУ во Скопје на отсек сликарство со конзервација и реставрација, потоа магистрирала, а моментно е на докторски студии во НА по уметност во Софија, Бугарија, има реализирано бројни изложби во земјава и странство, а учествувала и на повеќе ликовни колонии, меѓу кои на колонијата Дрен, што ја реализира Центарот.







