„Падот на ангелите“ е изложбата на слики од Никола Пијанманов, што беше отворена во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, на која уметникот се претстави со 18 слики. ( 6 до 10.10.2025).
На отворањето на изложбата уметникот Никола Пијанманов и Александар Еленин, главен и одговорен уредник на „Стремеж“, водеа дијалог за паднатите, за очајот и за последното возвишено воинство.
Еленин пишувајќи за изложбата ќе забележи: „ги гледаме сите беспомошни и безмилосно згазени, сите луди војни и грозоморни геноциди, сета светска неправда и безумие, сиот систематски хаос и пекол кој ни ја краде сегашноста и убива иднината. И токму за сите тие беспомошни – за девојчето чија солза е единствен знак на живот врз од смрт преплашеното лице, за очајните и болните по болничките чекалници, за проколнатите без никаква вина, за сите избодени, скршени и паднати ангели во и околу нас, за сите згаснати соништа и радости – за сите нив овие слики гласно молчат“.
Никола Пијанманов, има реализирано бројни самостојни и групни изложби во земјава и странство. Остварил студиски уметнички престои во Париз и во Њујорк, а реализирал повеќе сликарски проекти во претстави, илустрирал книги, изработил дела во јавен простор.







