Во Ликовната галерија при ЦК „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата на скулптури „Рефлексивна привлечност“ од академскиот скулптор Слободан Милошески. Изложбата е дел од годишната програма на Центарот за 2025, поддржана од Министерството за култура и туризам. ( од 23.05. до 5.06.2025).
Низ призмата на оваа изложба на скулпторот Слободан Милошески публиката имаше можност уште еднаш да види иновативна скулптура која се карактеризира со две особини: начинот на кој се користи материјалот, во овој случај станува збор за метал, и за концептот на артикулирање идеи кои се од доменот на духовното.
За авторот Слободан Милошески, кој е претставник на постмодерниот дискурс во скулптурата поголема атрактивност предизвикува скулптурата што може да се полира, скулптура со нагласена текстура или нивната комбинација. Во контекст на севкупната инфраструктура на креација на уметничкото дело тој спроведува третман што резултира со преобликување на металот или со неповратно додавање, како што се лемењето или заварувањето, за да ги обезбеди и профилира скршените сегменти на скулптурата, кои патем ги третира со голема претпазливост и внимание. Во творештвото на Слободан Милошески не се прави обид да се претстави надворешна реалност, туку уметникот сака гледачот да размислува за она што е пред него.
Делата на Слободан Милошески се со различна конотација во однос на претходните кои се од доменот на “академскиот пејзаж од механичко-кибернетичко потекло“, со еден поинаков вид на разбирање на односот помеѓу егзактните науки и точноста на уметничката френзија. Сенките на авторот минуваат низ крути простори и се губат некаде во бескрајната ништожност – вели —-проф. д-р Џемил Бектовиќ, з атворештвото на Милошески.
Слободан Милошески е академски уметник, кој има реализирано повеќе изложби.







