Изложба „Украс“ од Марјана Костојчиноска Узунчева

Во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ беше отворена изложбата „Украс“ од уметницата Марјана Костојчиноска Узунчева. ( 12 до 19.9.2025). Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

-Најновиот креативен подвиг на ликовната уметница Марјана Костојчиноска Узунчева отелотворен во комплексната и интерпретативно повеќеслојна просторна инсталација насловена „Украс, отвора низа актуелни прашања во врска сo позицијата и третманот на жената денес и родовата (не)еднаквост, посебно во конзервативни и патријархални општества. Инсталацијата се состои од навидум секојдневни предмети кои претставуваат своевиден визуелен код, како дел од нашето етнолошко богатство и културна традиција, но групирани и транспонирани на овој начин и во овој контекст се лишени од баналност и добиваат сосема поинаква, поширока димензија и симболика. Делото е интригантно и според  концептот и според реализацијата и начинот на собирање на предметите кои Костојчиноска Узунчева ги инкорпорира во инсталацијата, главно декоративни предмети кои биле составен дел од нечиј невестински мираз (чеиз), до нивната моќна симболика и универзалната, недвосмислена порака која тие ја носат. Белата боја на ракотворбите, главно рачно хеклани / плетени и везени чаршафи и милеа, вообичаено алудира на девственост, на чистота, на невестинско руво; акумулацијата на кристалните предмети – вази, кои означуваат одреден статусен симбол, трофеј, награда, е истовремено и потсетник за фрагилноста на постоењето, физичката и емоционална кршливост, транспарентност и сензибилност; рачно ткаените килими во кои секоја шарена нитка, секој нов ред е почеток на нова приказна, нов живот и на крај, неброените часови, времето и трудот посветени да се изработат сите овие предмети во кои е вплотена сета љубов, надеж и парче душа на идната невеста – сето тоа се спојува во една единствена приказна. Секој од овие предмети поседува своја посебна и/сторија која истовремено е и лична, интимна, но и колективна и на некој индиректен, имплицитен начин зборува за жените кои ги создале, употребувале, ги дале или добиле како наследство, лично или како дел од некоја семејна историја, некогаш долга и со децении, пренесувана од колено на колено…..… Анита Бошкова Доковска .

Д-р Марјана Костојчиноска Узунчева дипломирала на ФЛУ Скопје – отсек графика.  Досега реализирала 27 самостојни изложби и повеќе од 50 групни во земјава и во странство.

ЗА НАС

Националната Установа Центар за Култура “Марко Цепенков“ Прилеп цели 40 – ет години го создава, чува и негува богатото културно наследство, вткаено во сопствениот подем, во растот на градот кој неуморно покажува и докажува дека раѓа и одгледува писатели, сликари, актери, музичари, слободоумни луѓе со визија.

Повеќе Артикли..

Зачленете се за Новости

Бидете секогаш во тек со новите случувања