Ретроспективна изложба од Боро Аровски Бабата

Од 14 до 21 ноември 2025г., во Ликовната галерија беше отворена ретроспективна изложба на слики “ 55 години ликовно творештво на Боро Арсовски – Бабата“. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

-При обидот за евалуација на авторскиот придонес кон македонската наива, како едно специфично движење на неакадемските ликовни уметници коешто ги зафати овие простори во текот на доцните 60-ти и раните 70-ти години, неизоставно е името на авторот Боро Арсовски – Бабата.  Во таа смисла и одбележувањето на овој значаен јубилеј на Арсовски е настан којшто е значаен за македонската ликовна сцена од повеќе аспекти – авторски, историски, национални и идентитетски. Неговата инвентивност, повеќегодишниот авторски континуитет во земјата и пошироко (Србија, Хрватска и Словенија) како и специфичниот заокружен и јасно дефиниран сликарски израз којшто изобилува со богат визуелен вокабулар, го става во редот на најзначајните  претставници на македонската наива….Забележителни се неговите напори за доследно почитување на една сликарска парадигма која во себе содржи прецизен цртеж, фигуративно-колористички баланс,  автентична македонска орнаментика, костимографија и архитектура, мирен рурален секојдневен амбиент осветлен од македонското сонце…Неговите слики говорат за едно време коешто не постои денес, поточно, зборуваат за периодот кога луѓето беа многу поблиску до природата и нејзината убавина… Како автор на многу слики коишто се дел од музејски и колекционерски збирки, но и на многу акварели и скулптури изработени на иста тематика – македонски автентичен амбиент со елементи на етнологија од овие простори препознаена во светот како македонски етнографски идентитет – за уметникот Боро Арсовски – Бабата можеме да кажеме дека, покрај тоа што е извонреден ликовен автор, можеме да го сметаме и за хроничар на едно изминато време коешто подразбираше симбиоза на човекот и природата – вели Роберрт Цветковски, историчар на уметност за неговото творештво.

Боро Арсовски – Бабата е роден 1952 година во с. Страцин, Република Македонија. Основно и средно образование завршил во Куманово. Со сликарство се занимава од 1969 година како сликар наивец и воедно изработува скулптури во камен и керамика – теракота. Првпат излага во 1971 година со ДЛУК од кога е и член на друштвото со кое настапува на многубројни годишни изложби ширум Југославија. Член е на УСУ-Галерија “Југославија”  Учествувал на преку 30 меѓународни ликовни колонии на наивна уметност. Има учествувано на преку 200 групни изложби и 5 самостојни. Неговите слики се наоѓаат во многу галерии, музеи и приватни колекции ширум светот. За творештвото на Арсовски се снимени 2 документарни филма.

ЗА НАС

Националната Установа Центар за Култура “Марко Цепенков“ Прилеп цели 40 – ет години го создава, чува и негува богатото културно наследство, вткаено во сопствениот подем, во растот на градот кој неуморно покажува и докажува дека раѓа и одгледува писатели, сликари, актери, музичари, слободоумни луѓе со визија.

Повеќе Артикли..

Зачленете се за Новости

Бидете секогаш во тек со новите случувања