Изложба “Скулптури на новото време 2019“.
Во ликовната галерија е отворена изложбата „Скулптури на новото време“ ( 9.8. 16.8.2019), на која со дела се претставуваат 22 автори, меѓу кои и прилепските Емил Солески, Марјан Стојаноски, Методи Исков, Филип Перески и Давид Атанасоски. Скулптурите се работени во повеќе различни материјали како и во повеќе скулпторски техники.
„Биеналната изложба на скулптури “Скулптури на новото време 2019“ во своето јубилејно десетто издание ја сублимира севкупната идеја на оваа изложба – хетерогеноста и богатството на современиот скулпторски израз во којшто сè е дозволено: во поглед на употребата на материјали со коишто се изработуваат скулптурите но и во однос на пристапот кој варира од класичното разбирање на улогата на скулптурата во просторот до концептуалниот приод со употреба на ready-made материјали, па дури и некои обиди за комбинација на технологијата во служба на изработка на кинетичка скулптура. Ако кон ова се додаде и возраста на авторите којашто варира од најстарите до најмладите генерации и соочувањето на повеќе академски скулпторски школи на едно место, добиваме една збирка на дела вредна за почит и внимание, многу ретка на овие македонски изложбени простори – вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста.