Изложба на дела од Драган Најденовски, Владимир Симоновски и Стефан Малбашиќ
“Слики и инсталации” е тематската изложба од битолските уметници Драган Најденовски, Владимир Симоновски и Стефан Малбашиќ отворена на 4 мај 2012 во галеријата на ЦК.
Нивната изложба, иако на прв поглед содржи одредена визуелна хетерогеност, во суштина е суптилно поврзана со специфичен идеен концепт, втемелен на одреден естетски идеал, творечки и креативен импулс кој има свои длабоки причини и корени.
Делата на Драган Најденовски се карактеризираат со зрелост и скоро совршена прочистеност. Неговиот однос кон композицијата, колоритот и линеарноста, слободно се движи без никакви дилеми или преиспитувања. Во својата ликовност разоткрива еден специфичен филозофски, а во исто време и лирски став кон сопствениот творечки универзум.
Владимир Симоновски, иако е од помладата ликовна генерација на Битола, има специфичен ликовен израз. Тоа се дела со прочистен, растоварен, елементарен израз.
Стефан Малбашиќ, целосно е посветен кон ликовноста. Неговиот израз во иконографијата има свој специфичен пат кој директно е во корелација со повеќевековната традиција и разговор со теолошкиот бескрај.