Search
Close this search box.

Изложба на слики од м-р Владимир Темков

Во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ е отворена изложба на слики од м-р Владимир Темков. (28.3. – 10.4.2019)
Уметникот пред прилепчани се претставува со 28 слики.
Изложбата ја отворија Викторија Димеска, историчар по уметност и Горан Боев, уметник.
Според Димеска, уметничкиот творечки опус на академскиот сликар Владимир Темков, кој претставува резултат на долгогодишната продукција и успешна реализација, се вбројува и го збогатува современото уметничко творештво на македонската сликарска сцена.
„ Набљудувајќи го уметничкото творештво посетителот може да забележи неколку клучни белези за творештвото на сликарот – доминантната линија, подреденоста на бојата во однос на линијата, ритмичното повторување на формите во композицијата и употребата на т.н. метафорични изрази преку самите форми. Линијата ја гради и предводи наративноста и структурата на приказната во композицијата, додека пак, примарните бои во нивната чиста форма го мистифицираат амбиентот и придонесуваат во создавањето и обликувањето на мислата“ посочи Димеска на отворањето на изложбата.
Според Горан Боев сликарството наТемков како правец е изнедрено од надреализмот и од сликарството на големите уметници како Миро и Пикасо.
„ Меѓу непредметните форми во сликите пронаоѓаме мотив од природата. Тоа е обликот на птицата. Таа во нив , како метафора може да биде прочитана во повеќе насоки – живот, стремеж, сеќавање, движење во еден миг, желба да се постигнат височините. Темков е емотивно врзан за неа. Во неговото творештво птицата останува сон и емоција“.
Темков реализирал над 60 самостојни изложби, повеќе групни, учествувал на колонии и остварил студиски престои во Париз Франција и во САД.

 

ЗА НАС

Националната Установа Центар за Култура “Марко Цепенков“ Прилеп цели 40 – ет години го создава, чува и негува богатото културно наследство, вткаено во сопствениот подем, во растот на градот кој неуморно покажува и докажува дека раѓа и одгледува писатели, сликари, актери, музичари, слободоумни луѓе со визија.

Повеќе Артикли..

Зачленете се за Новости



Бидете секогаш во тек со новите случувања