Search
Close this search box.

Изложбата „Состојби“ од Славица Јанешлиева

Изложбата „Состојби“ од Славица Јанешлиева

„Состојби“ е тематската изложба од инсталации и објекти од Славива Јанешлиева отворена во галеријата од ЦК „Марко Цепенков“. Уметницата пред прилепчани се претставува со најновата изложба која е продолжение на нејзините претходни реализа­ции со инсталации/објекти кои егзистираат паралелно со нејзините остварувања во доменот на графичкиот медиум. Артикулацијата на нејзиниот уметнички израз со пошироко и сеопфатно преиспитување на актуелните состојби и општествени аномалии, како и со генерално девалвираното секој­дневно живеење, во случајов е презентирана во шест одвоени амбиентални сегменти, изведени со за неа препо­знатлив директен и специфичен ракопис, кој инсистира на продлабочени релации слика-значење.

– Изложбата „Состојби“ е материјализира­на ангажирана критика на секое поле на современиот живот – падот на морал­ните вредности, економската експлоатација што генерира војни, уништувања и раселеност, наметнатите патријархални кодови, континуираната и продлабочена криза на образованието, социјалните/егзистенцијалните про­блеми, културно про­паѓање со сите придружни морални дилеми и агонија на постоењето. Генерална карактеристика на овој, како и на претходните проекти, е постојаното потврду­вање на позицијата на Славица Јанешлиева во совреме­ната македонска уметнич­ка продукција, произлезена од карактеристичниот луциден третман на критички­те модели на стварноста – вели Маја Чанкуловска-Михајловска за изложбата.

Славица Јанешлиева Бачварска има дипломирано на ФЛУ во Скопје, отсек графика во класата на проф. Зоран Јакимовски, каде и магистрирала. Работи на ФЛУ како доцент на студиската програма графика.

Досега реализирала над 25 самостојни изложби низ земјата и во странство, била дел од групни поставки, а за нејзиното творештво е добитник на повеќе награди. Нејзини дела се наоѓаат во бројни колекции.

ЗА НАС

Националната Установа Центар за Култура “Марко Цепенков“ Прилеп цели 40 – ет години го создава, чува и негува богатото културно наследство, вткаено во сопствениот подем, во растот на градот кој неуморно покажува и докажува дека раѓа и одгледува писатели, сликари, актери, музичари, слободоумни луѓе со визија.

Повеќе Артикли..

Зачленете се за Новости



Бидете секогаш во тек со новите случувања