“Момент на комуникации” изложба на Миле Брцески
Нашиот уметник Миле Брцески, кој живее и работи во Скопје, воочи големиот христијански празник Велигден, во галеријата од Центарот се претставува со изложбата “Момент на комуникации” за која вели дека поставката се темели на скулпторски сценски инсталации со слободни и елегантни човечки форми направени од метал, како и употреба на тродимензионален цртеж кој го растреперува, координира и артикулира просторот околу нив. На Брцески ова му е прва самостојна изложба, иако досега учествувал на групни како член на ДЛУП.
– На изложбата се претставувам со пет дела, кои на еден начин се поврзани помеѓу себе. Претставени се поставки во кои не се дадени заклучоци или судови на прикажаните состојби. Во самиот начин на живот, во модерното време, каде се загубени моралните вредности на трпението, почитувањето и радоста, му дозволуваме на стресот да управува со нашата совест и полека да го уништува детето во нас. Од социјален аспект се соочувам со проблемите во обид да се реши парадоксот на човечката егзистенција помеѓу материјалното и духовното, рационалното и емоционалното. Уметничките дела во инсталацијата остануваат отворени, податливи на промени да може гледачот визуелно да се пронајди ( во неа). Стресот и депресијата кои се механизмот на модерниот свет и начин на живот можеме да ги победиме со малку искрена радост и љубов. Во светот каде на прво место застана технологијата ги изедначи сите генерации во една – вели уметникот..