Во ликовната галерија е отворена изложбата „Интервали“ од Татјана Винона Јонеска, која вторпат се претставува пред љубителите на уметноста во родниот Прилеп.
– Преку динамичен спој на дела од хартија, слики, инсталација и видео, мојата изложба понудува подлабоко размислување за интервалите како спојници на просторот и времето. Со поетски став Интервали отвора прашања за разоткривањето на скриените врски, ритми, транзиторни моменти и простори што ја обликуваат нашата перцепција – вели уметницата Јонеска.
**************************
Татјана Винона Јонеска е уметник кој живее и работи во Лондон. Магистрирала на престижниот Кралски колеџ за уметност / Royal College of Art London, во одделот современа уметничка пракса – критичка практика. Пред тоа студирала на подеднакво престижниот колеџ за уметности во Chelsea College of Arts – Универзитетот за уметности во Лондон, каде што ја завршила својата диплома по ликовна уметност со почести од 1-вa класa.
Винона има мултидисциплинарна практика водена од екстензивно теоретско истражување и експериментирање, што формално се занимава со прашања околу перцепција, истражување за тоа како се среќаваме со просторот и како ја доживуваме темпоралноста. Учествувала на бројни групни изложби во Обединетото Кралство и на меѓународно ниво.







