“WO-MAN” – изложба на Христина Зафировска
“WO-MAN” е тематската изложба на академската уметница Христина -Зафировска, што е отворена во ликовниот салон.(28.11. -12.12.2014). Проектот на Зафировска нуди една лична критика на сѐ повулгарната експлоатација на жената во маркетинг-индустријата.
– Револтот на авторката произлегува од медиумските претстави за предвидената квазифункција на жената во општеството кои вршат еден вид секојдневна инфотортура и свесно наметнуваат норми за изглед и однесување. Наспроти сите декларативно добиени законски права што ги изедначуваат жените и мажите, сѐ понаметнато се случува манипулативно изместување на претставите за цивилизациските достигнувања, вредности, карактеристики што се позитивен пример на полова/родова еднаквост и за жал, во современите рекламни кампањи речиси без исклучок, функцијата на жената се дефинира како синоним за репродукција и сексуалност – вели кураторката на проектот Маја Чанкуловска-Михајловска.
Авторката има дипломирано ФЛУ во Скопје. Моментално е магистрант на Факултетот за Дизајн и Мултимедија во Скопје-насока графички дизајн. Работи во полето на сликарството, графичкиот дизајн, инсталацијата, цртежот, фотографијата и видеото. Активно учествува на локални и регионални проекти и погранични соработки од областа на културата. Дел е од многубројни фестивали, работилници, групни претставувања на Балканот, во Европа.