Во Ликовната галерија отворена е ретроспективна изложба на дела од Илија Миноски. ( 20.12 – 17. 1.2025). Изложбата e поддржана од Министерството за култура и туризам.
Прилепскиот ликовен уметник Илија Миноски, врвен виртуоз на акварелот, дипломирал на Педагошката академија во Скопје, отсек за сликарство, во класата на професорите Борко Лазески, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски и Димитар Аврамовски-Пандилов. Од 1962 година работел како наставник по ликовно образование во ОУ „Климент Охридски”. Реализирал бројни самостојни изложби и учествувал на повеќе групни изложби во различни градови низ Македонија, Србија и Грција. Добитник е на повеќе значајни награди и признанија: наградата на ДЛУП за најдобро ликовно остварување од 1981 година, признание од Културно-просветната заедница на Прилеп за ликовно уметничко творештво во 1985 година, четирикратен добитник на награда за најдобар педагог и специјална награда во Битола и еднаш во Нови Сад, трикратно признание за најдобар акварелист во Бугарија и еднаш во Грција, како и награда за животно дело од градот Прилеп во 2013 година. На меѓународните изложби со своите ученици освоил впечатливи признанија — во Индија три златни, два сребрени и еден бронзен медал, а во Јапонија две златни, еден сребрен и два бронзени медали.
-Академскиот уметник Илија Миноски изградил сопствен автентичен ликовен израз преку експериментирање со многубројните технички можности што ги нуди акварелот. Со брзи и експресивни потези на сликарската четка уметникот создавал вибрантни и енформелни содржини. Неговите студиозни експресивни и колористички интервенции евоцираат некогашни заборавени сеќавања. Преку слободната игра со колоритот врз сликарската подлога, уметникот неуморно во континуитет творел динамични и впечатливи антропоморфни облици. Со современ уметнички сензибилитет, Миноски ги апстрахирал човековото тело и портртет. Неговиот ликовен и симболичен јазик е создаден од живописни асоцијативно-апстрактни претстави, збогатени со многубројни минуциозни линиски акценти. Лиричните графицизми спонтано ги обвиткуваат деловите од човечката форма и лик, истовремено облагородувајќи го визуелниот и семиотички израз на уметникот. Длабоката посветеност кон акварелната техника му овозможила на уметникот постојано да го развива и усовршува до највозвишените естетски идеали сопствениот препознатлив ликовен израз. Во текот на долгогодишната кариера, преку акварелната техника, ликовно истражувал разновидни мотиви — од староградската прилепска архитектура и пејзаж до разни апстрахирани и симплифицирани актови и портрети. Современиот академски уметник Илија Миноски експериментирал со колоритот, просторот и формата, истовремено ослободувајќи ги облиците од нивните контурни окови и ригорозни структури, како и создавајќи креативни и неповторливи, односно единствени апстрахирани или флуидни површини што потсетуваат на етерични сеќавања и спомени – вели м-р Викторија Димеска, историчар на ументост за творештвото на Миноски.







