„Арте(фициелни)факти во проширена реалност“ од Марија Трпеска беше изложбата што беше отворена во Ликовната галерија од Центарот ( 16.04 до 24.4.2025).
Проектот „Арте(фициелни)факти во проширена реалност“се фокусира на Ромите и ромската култура, стереотипите поврзани за Ромите и колку се тие прифатени и видливи во општеството како рамноправни граѓани во нашата држава.
Проектот „За сите засегнати: Арте(фициелни)факти во проширена реалност“ е резултат на мултидисциплинарен пристап кој ги комбинира дигиталните технологии, уметничката практика и општествено ангажираната истражувачка методологија. Истражувањето се потпира на концептот на културно мапирање, каде што симболите, наративите и дигиталните артефакти се користат за да се постават нови културни обележја на мапата на јавната меморија. Поставката ја сочинуваа видеа, фотографии и објекти, реализирани со соработници и ко-автори на проектот кои ја доловуваат проширената реалност која не е стереотип за Ромите и ромската заедница, напротив, уметничката продукција ќе се обиде да ја претстави онаа страна на заедницата на која многу малку и се обраќа внимание: успесите, заложбите, изминатиот пат во борба со системот и надежта за подобро утре.
Марија Трпеска дипломирала на ФЛУ Скопје во 2017 година отсек ликовна педагогија со сликарство. Во моментот е на постдипломски студии на ФЛУ Скопје – отсек сликарство. Нејзината уметничка работа има интердисциплинарен карактер. Третира социјални теми и преку нејзините дела дава на значаење на личности или групи кои се поврзани со уметноста, потенцирајќи ја нивната уникатност, важност и улога во општеството. Добитник е на наградата „Четирите мајстори на модернизмот“ во 2017 година.







