Во Ликовнито салон од Центарот беше отворена изложбата „Пејзажни преображенија“, што претставува троглед кон една од основните и можеби најслободни теми во сликарството – пејсажот во долгогодишното творештво на тројцата афирмирани уметници Данчо Ордев и Владимир Лазоски од Македонија и Владан Рангеловиќ од Р. Србија. (17.06.2025 до 2.7.2025).
Делата опфаќаат едно историско, интроспективно и онирично видување на оваа тематка, изразено преку сликарската техника.
Данчо Ордев создава еден визуелно-сликарски дневник преку карактеристичната архитектура на старите македонски куќи. Тоа се колоритни гоблени низ кои е извезен споменот и оставината на нашиот народ. Еден бележник каде неповторливоста на секојдневието се претвора во нумеричка евиденција и каде историјата е во исчекување на повторна ревитализација. Овде пејзажот е местото каде се одвиваат културните-историските случувања и сознанија.
Владан Ранѓеловиќ со својот енергичен гест ја отиснува средбата на внатрешното битие со надворешното окружување. Неговите дела се оформени од реципроцитетот меѓу човекот и природата придвижени од моќта на создавањето. Тоа се марканти одрази на внатрешниот живот поистоветeни со природните феномени. Пејзажот е временскиот отпечаток на емотивната состојба на човекот при неговото патешествие во светот.
Владимир Лазоски навлегува во бестелесната состојба на психата отварајќи простор за трансцеденти нарации каде природните граници исчезнуваат за да навлезе надреалниот свет. Тој носи со себе свои појави и фигури кои во разиграноста на аморфниот простор создаваат сопствени митологии, легенди и приказни. Пејзажот тука ја нагласува таинственоста на природата која постојано маѓепсува и не принудува за нејзино фантастично толкување.
Пејзажот во делата на овие тројца автори ни се претставува како територија, зона и состојба низ која движи, чувствува и сонува народот под ова поднебје кој неуморно создава еден сопствен светоглед и фолклор. Воедно тој е чувар и одржувач на неговата исклучителност и идентитет – вели за нивното творештво Васко Ѓоргиев.







