Изложба „Разјарено езеро“ од Кристина Зимбакова
Изложба „Разјраено езеро“ од 30 дела од Кристина Зимбакова e отворена во галеријатa. Уметницата се претставува со ликовни остварувања преку кои провејува интердисциплинарниот приод кон ликовната уметност – спој на сликарството, поезијата и природните науки.
Симболичниот и фигуративен израз, вткајувањето поетски мотиви од Благоја Ристески – Платнар и Ен Секстон, габите и лишаите како изразни средства и богатата текстура се клучни обележја на делата што ќе бидат изложени во галеријата. Сликите, создадени во последниве две години, се во комбинирана техника и често се поигруваат со границата меѓу слика и скулптура. Значителен број дела се креирани на рачно изработена хартија и пулпа од габи, а некои на мико-пена, што е биоматеријал од габен мицелиум и земјоделски отпад. Габите и лишаите се добиени од суви збирки или преку лични теренски истражувања, во соработка со научници од земјава и странство. Вметнати се впечатливи и ретки видови од Македонија, но и од САД, Јужна Америка, Арктикот и Антарктикот.
За своето творештво Зимбакова вели: „Мојот став е дека естетиката на природата може веродостојно да ги отелотвори состојбите на човековиот ум и срцето и дека се тие во нераскинлива врска, токму како што бројни габи се поврзани со растенија или алги во симбиози наречени микориза или лишаи, соодветно”.
Зимбакова има реализирано повеќе самостојни и групни изложби во земјата и во странство, добитник е на повеќе награди и стипендии, а нејзините дела се наоѓаат во САД, Велика Британија, во неколку македонски амбасади низ светот.