Изложба на дела од колонијата Михајлово
Изложба на 30 дела од ликовната колонија Михајлово од Кавадарци е отворена во ликовната галерија од ЦК,,Марко Цепенков,,. Љубителите на ликовната ументост имаат можност да видат дел од делата што ги создадоа уметниците од Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Словенија, Романија, Полска, Косово и Турција кои учествуваа на 20 издание на интернационалната кавадаречка колонија што ја организираат Домот на културата “Иван Мазов – Климе“и ЛС на Кавадарци.
Веќе две децении оваа колонија се вбројува меѓу најуспешните во земјата и на неа со својата работа се претставија стотици ликовни уметници од целиот свет, меѓу кои и неколкумина прилепски уметници.- Делата што ќе ги види публиката сведочат за специфичноста, духовното и културното наследство, а пред се за вклопувањето на различни генерации сликари од различни култури. На колонијата Михајлово егзистира заедницата на личности и етноси – ќе забележи историчарот по уметност Јованка Андонова.
Изложбата ЦК,,Марко Цепенков,, ја реализира во рамките на одличната соработка со кавадаречкиот дом на култура, а е поддржана од Министерството за култура.