Изложба на слики од Трајче Чатмов
Изложба на слики од Трајче Чатмов е отворена во галеријата во рамките на Прилепското културно лето (9.7.2013). Уметникот се претставува со дел од творештвото во кое го пренесува сопствениот свет.
– Сликите ги создавам онака како што во тој момент посакувам, без некоја фискна идеја која е непроменлива, туку напротив е идеја која постојано се менува, дише, живее со мене, идеја за која не постои целосна свесност и намера за реализација, туку едноставно желба за бекство некаде каде што јас посакувам. Мој свет, мое господарство создадено за мене, преку кое гледачот ќе го доживее сопствениот свет градејќи кула од чувства – вели уметникот.
Трајче Чатмов завршил ФЛУ во Скопје – педагошко сликарство во класата на Рубенс Корубин, а магистрирал сликарство и естетика во класата на Родољуб Анастасов.
Реализирал самостојни изложби во Скопје, Охрид, Велес, изложувал на групни во земјата и во Германија, Бугарија, Чешка, Словенија, Србија…
Учествувал на Школата за анимиран филм и во 1997 година ги освоил наградите за најдобар краток документарен филм и за најдобра камера.