Изложба „Видување“ од Анита Јовеска Сот

Во ликовната галерија (27.09.2024 – 16.10.2024) отворена e изложбата на слики “Видување” од Анита Јовеска Сот.

Уметницата верува во позитивната енергија, мисла и видување на секојдневието од еден друг агол, агол исполнет со боја и шаренило и затоа ги создала делата.

-Таа мисла ме инспирира и движи понатаму, каде низ спектарот на бои и елементи ги прикажувам различностите во изразите на лицата, сите нивни емоции, со што на некој начин го отсликувам сопствениот автопортрет или трансмисија на своите чувства низ времето и процесот на работа – рече Анита Јовеска Сот.

Изложбата ја отвори м-р Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека восхитувачките портрети на Јовеска одразуваат исклучителен визуелен ансамбл извезен со лиричен сликарски сензибилитет и облагороден со личните индивидуални чувства на авторката.

-Во раскошните експресивни композиции уметницата умешно ја обликува формата со примената на силни колоритни топло – студени и комлементарни контрасти за одразување на моќна чувствена изразност и драматичност, со употреба на контраст на линиите за создавање на динамична вибрантна ликовна содржина.Јовеска во сопствените лирични, автентични и драматични креации го создава единството во композицијата по пат на доминанта, поставувајќи акцент на емотивната експресија на портретот -рече Димеска.

Отворањето на изложбата, на кое присуствуваа голем број љубители на уметноста, беше збогатено со настапот на музичарите Андријана Дукоска и Борче Миленкоски.

Анита Јовеска Сот, во Прилеп завршила основно и средно образование – гимназија. Дипломирала на Националната ликовна академија во Софија, Бугарија,2008год.,отсек- Плакат и визуелни комуникации. Работи како професор по ликовна уметност.

Како академски сликар, Анита Сот сопствените дела ги изработува во mixed media, односно мешани медиуми, вклучувајќи многу матријали . Трагајќи по свој сопствен ликовен јазик и идентитет, таа често истражува во доменот на различните сликарски техники. Има изложувано на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и во Бугарија.

ЗА НАС

Националната Установа Центар за Култура “Марко Цепенков“ Прилеп цели 40 – ет години го создава, чува и негува богатото културно наследство, вткаено во сопствениот подем, во растот на градот кој неуморно покажува и докажува дека раѓа и одгледува писатели, сликари, актери, музичари, слободоумни луѓе со визија.

Повеќе Артикли..

Зачленете се за Новости

Бидете секогаш во тек со новите случувања