Изложбата „Состојби“ од Славица Јанешлиева
„Состојби“ е тематската изложба од инсталации и објекти од Славива Јанешлиева отворена во галеријата од ЦК „Марко Цепенков“. Уметницата пред прилепчани се претставува со најновата изложба која е продолжение на нејзините претходни реализации со инсталации/објекти кои егзистираат паралелно со нејзините остварувања во доменот на графичкиот медиум. Артикулацијата на нејзиниот уметнички израз со пошироко и сеопфатно преиспитување на актуелните состојби и општествени аномалии, како и со генерално девалвираното секојдневно живеење, во случајов е презентирана во шест одвоени амбиентални сегменти, изведени со за неа препознатлив директен и специфичен ракопис, кој инсистира на продлабочени релации слика-значење.
– Изложбата „Состојби“ е материјализирана ангажирана критика на секое поле на современиот живот – падот на моралните вредности, економската експлоатација што генерира војни, уништувања и раселеност, наметнатите патријархални кодови, континуираната и продлабочена криза на образованието, социјалните/егзистенцијалните проблеми, културно пропаѓање со сите придружни морални дилеми и агонија на постоењето. Генерална карактеристика на овој, како и на претходните проекти, е постојаното потврдување на позицијата на Славица Јанешлиева во современата македонска уметничка продукција, произлезена од карактеристичниот луциден третман на критичките модели на стварноста – вели Маја Чанкуловска-Михајловска за изложбата.
Славица Јанешлиева Бачварска има дипломирано на ФЛУ во Скопје, отсек графика во класата на проф. Зоран Јакимовски, каде и магистрирала. Работи на ФЛУ како доцент на студиската програма графика.
Досега реализирала над 25 самостојни изложби низ земјата и во странство, била дел од групни поставки, а за нејзиното творештво е добитник на повеќе награди. Нејзини дела се наоѓаат во бројни колекции.