Изложбата „Асоцијативни пејзажи“ на Анета Ивановска Симјановска
„Асоцијативни пејзажи“ е тематската изложба на дела од Анета Ивановска Симјановска што e отворена ( 11.8.-25.8 2017) во ликовната галерија на ЦК„Марко Цепенков“. Уметницата се претставува со дела композиции кои изобилуваат со драматика, динамичност и импулсивност преточени во специфичен ликовен ракописи што влијае врз емотивниот сензибилитет кај гледачот будејќи ги рационалните сомнежи и претпоставки. Творбите пулсираат со див ритам и енергија, одушевуваат со бесконечни креативни замисли исполнети со многубројни детали на величенствената нефигуративност. Не се создадени според природата, туку креирани заедно со неа. „Асоцијативните пејзажи“ откриваат актуелен момент на една универзална визуелна медитација што ги надраснува границите на сопствената стварност претворајќи се во своевидна виртуелна реалност.
Анета Ивановска Симјановска има завршено ФЛУ во Скопје, член е на ДЛУМ и на ДЛУБ. Реализирала повеќе самостојни изложби во земјата, била учесник на групни изложби и ликовни колонии, а за нејзиното творештво е добитник на повеќе награди.