Од 25 септември до 9 Октомври 2026 г. во Ликовната галерија од Центарот беше отворена изложбата „Градот во мене“ од академскиот уметник Александар Џинго. Изложбата е дел од годишната програма на Центарот во програмата од визуелни уметности, поддржана од Министерството за култура и туризам.
„Градот во мене“ е изложба – најнов циклус уметнички дела од реномираниот автор м-р Александар Џинго. И тој наслов пред се, е потребно да се разбере како метафизичка состојба на уметникот абсорбирана од идејни простори и мисловни процеси, референтни со општочовечка универзална душевна внатрешност, давајќи ѝ на ограничувачката реалност еден возвишен естетски израз на постоење. Делата комуницираат со историското во уметноста преку академскиот реализам, а со актуелното, преку современата апстракција – и така, создаваат моќна фузија меѓу класичната уметност и современиот експресионизам. Разложувањето на класичната композиција до апстрахирана форма и пресоздавањето на формата од хаосот на распрснатите капки и експресивни потези, објавуваат емотивни тонови на носталгија и енергична надеж за раѓање на нова убавина. Процесот на создавање деконструирани ликови е начин за разоткривање на човечката душа преку пресеците на фигурата врз органски апстрахираната позадина на кадрите.
Во некои дела апстрахираната форма ја разоткрива емоцијата на идејата преку бојата, а конкретната форма ја изнесува конструкцијата на супстанцијата од реалитетот на формата. Оваа дисекција на постоењето како присутност во формата и надвор од неа, е силно личен филозофско-ликовен јазик, со кој уметникот продолжува да ги изнесува можностите на личната интерпретација на човечкиот портрет и фигура. Од технички аспект, делата се одликуваат со совршена рамнотежа меѓу цртачката техника со јаглен и контролираната линија, од една страна, и сликарскиот колорит (реализиран со маслени бои, мрсен пастел и акрил), од друга страна. Овој колорит варира од монохроматски до полихроматски, изразен преку слободен, речиси неконтролиран потег. Ваквото комбинирање на техниките успешно го дефинира трансформативниот стил на композицијата – тој е елегантен, динамичен и просторен, со силен авторски печат врз платната.
Боите се воглавно непастуозни, со воздушести, прозрачни и транспарентни вредности, понекогаш поставени или како контраст или како благи премини и ефектни светлосни решенија кои детектираат и асоцијации на трансцедентна архитектура во духот на уметникот што создава. За крај може да се каже и тоа дека гледачот се наоѓа пред интроспективни уметнички остварувања во голем формат, мошне погодни за уметнички простори, дела со моќна визуелна појавност која овозможува естетско и енергетско препознавање на сопствените емоции и импликации од надворешната средина. Присуството крај овие дела овозможува да се почувствува естетска сензација каква што се доживува пред квалитетните експресионистички поставки во светските модерни галерии – Бранче Трајкоски.
Александар Џинго, роден во Прилеп, своето уметничко образование го започнува во 1991 година во УПУ Лазар Личеноски, а го заокружува во 2003 година на ФЛУ- Скопје, каде што се стекнува со звањето магистер по ликовна графика. Творечкиот опус на Џинго опфаќа повеќе ликовни дисциплини. Покрај графиката како примарна вокација, тој со еднаков авторитет ја истражува и негува креативноста преку сликарството, модниот дизајн и костимографијата, градејќи препознатлив уметнички израз. Неговиот визуелен јазик и имагинација се потврдени преку бројни самостојни и групни изложби, учества на графички биеналија, ликовни колонии и модни ревии (меѓу кои и саемот за мода „МОДЕСТ“). Неговиот авторски печат е присутен и во театарски и филмски костимографски решенија, дизајн на корици на книги, илустрации, како и изведба на мурали и други уметнички проекти. Денес, Александар Џинго живее и твори во Прилеп, каде што работи како професор во средно образование, пренесувајќи ја својата љубов кон уметноста на новите генерации.







