Од трети до 12 ноември 2026 г. во Ликовната галерија беше отворена изложба на фотографии, преку кои беше претставена 18-та ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“, на која годинава се создадоа вредни монументално скулптури од метал, кои треба да бидат поставени на јавни простори низ градот. Посетителите имаа можност преку фотографиите да се запознаат со творечкиот процес на работа на годинашните уметници и со делата што ги создадоа.
Изложбата ја отвори Марија Попова Јованоска, директор на Центарот за култура, која посочи дека годинава, во рамките на колонијата, седум уметници се впуштија во еден посебен творечки процес, од кој произлегоа седум скулптури – шест изработени од метал и една од мермер.
-Зад секоја од нив стојат многу часови работа, физички напор, уметничка визија и посветеност. Материјалите кои на прв поглед изгледаат студено и безживотно, преку рацете и идеите на уметниците добија форма, карактер и ново значење. Токму тој процес сакавме да го споделиме со вас преку изложбата. Пред вас не се самите скулптури, туку дваесет фотографии, кои го документираат нивното создавање. Од првичните подготовки, преку обработката и обликувањето на материјалите, па сè до завршните фази, фотографиите ни овозможуваат да го видиме она што најчесто останува зад сцената на уметничкото дело – трудот, истрајноста, концентрацијата и посветеноста на творецот. Сакам да истакнам дека овие седум скулптури нема да останат само дел од едно издание на Ликовната колонија. Тие ќе бидат поставени на соодветни јавни локации низ Прилеп, со што ќе станат дел од градскиот простор и достапни за сите граѓани. Уметноста на тој начин ќе излезе од галериите и изложбените сали и ќе стане дел од секојдневието на прилепчани. Тоа е една од најубавите придобивки од ваквите проекти – кога создаденото дело продолжува да живее со градот и неговите жители. Особено ми е важно нашата институција да продолжи да биде место каде што се создаваат, поддржуваат и презентираат уметнички вредности. Нашата задача не е само да организираме културни настани, туку и да отвораме можности за уметниците, да го поттикнуваме творештвото и да придонесуваме културата да биде достапна и присутна во животот на граѓаните – рече директорката Марија Попова Јованоска.
Изложбата, како и колонијата, беше поддржана од Министерството за култура и туризам во годишната програма на ЦК „Марко Цепенков“ за 2026 г. во визуелни уметности.







