Search
Close this search box.

АРАПСКА НОЌ

НУЦК„ Марко Цепенков „- Прилеп Театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Премиера на 17.05.2019

„АРАПСКА НОЌ„
Роланд Шимелфениг
Режија: Зоја Бузалковска
Сценографија и костими: Јулијана Војкова-Најман
Музика: Фолтин
Драматург: Лидија Митоска-Ѓорѓиевска

 

Играат:
ХАНС ЛОМАЈЕР – ИГОР ТРПЧЕСКИ
ФАТИМА МАНСУР – ДАНИЕЛА ИВАНОСКА
ФРАНЦИСКА ДЕХКЕ – АНГЕЛА НАУМОСКА
КАЛИЛ – АЛЕКСАНДАР СТЕПАНУЛЕСКИ
ПЕТЕР КАРПАТИ – ДИМИТАР ЃОРЃИЕВСКИ

Инспициент: Елена Иваноска

Суфлер: Лилјана Батлеска
Тон мајстор и дизајн на звук: Томе Темелкоски
Светло мајстор: Ристе Гркоски
Сликар исполнител: Пеце Ристески
Реквизитер: Гоце Наумоски
Гардеробер: Снежана Ѓорѓиоска
Фризер-перикер: Даринка Богоеска
Заварувач: Гоце Тодороски
Декоратери: Сашо Смоквоски, Роберт Стојкоски, Владимир Владимироски, Јане Јанкулоски, Златко Апостолоски


Драмскиот текст на Роланд Шимелфениг „Арапска ноќ“ е напишан во 2001 година. Поставен е речиси во сите поголеми и поважни театри, одигран е на многу јазици. Па тогаш, зошто токму оваа драма и зошто по толку многу години?
Овој текст-партитураза пет ликови еигра на жанрови и стилови. Се работи за навистина прекрасна приказна, неверојатно урбана и сензуална, која се движи во необични и сосема неочекувани правци.Таа во себе го спојува Истокот и Западот, грубата реалност и надреалното во сонот, тесниот стан и арапската пустина, можноста да се биде заробен во шише со коњак. Таа варира со стереотипите, отворено зборувајќи за нештата кои обично не ги изрекуваме гласно, а громогласно ги мислиме.
Дејството се случува во еден европски град, на седмиот кат од една станбена зграда, во една летна ноќ, кога веќе востановената практика на функционирање на животите секоја вечер, ненадејно се прекинува. Со текот на времето, зградата се претвора во „волшебна кула“ и станува „извор на магичен реализам“. Елементите на трилер (низа стапици, недоразбирања, бркотници, ненадејни пресврти, убиство, љубовен триаголник – кој можеби и не е тоа) ја градат неизвесноста, а приказната која почнува така што се чини дека секој од ликовите дејствува сам за себе, полека ги пополнува испрекинатите линии и добива на тензичност и густина.
И покрај големата динамичност, оваа драма води во претстава за осаменоста и за потребата да се преспие сопствениот живот, да се сонува и да се замени реалноста со фикцијата, за да се преживее ноќта. Така, оваа зграда и овие пет луѓе стануваат пресек на целиот свет.
Раскажувањето во трето лице (нешто помеѓу дидаскалија, внатрешен монолог и гласно кажување на сите свои мисли во врска со дејствувањето или однесувањето на другиот), при што нарациите се испреплетуваат, делува какодрамско-музичка партитура. Затоа, во нашата „Арапска ноќ“ создадовме нова структура, во која приказната вкрстено ја раскажуваат еден актерски „полифонен“ квинтет и еден музички квартет, градејќи заедно нонет. И кога би требалопопрецизно да ја дефинирам оваапретстава, тоа би звучело вака:„Арапска ноќ“ – нонет.
Зоја Бузалковска, режисер


 

„Арапска ноќ“ е современа приказна за една чудна ноќ на станарите на еден станбен блок, во една зграда иста како илјадници други, приказна која го прикажува нивното магично отклонување одмеханизмот на секојдневието. Таа вечер, водата мистериозно исчезнува на седмиот кат, aЛомајер – домарот на зградата, токму таму се обидува да ја најде причината за проблемот: таму, на седмиот кат, каде штоживеатФатима и Франциска – заносната и проколната девојка. Карпати, кој живее во блокот отспротива, низ прозорецот ја забележува Францискаи како маѓепсан тргнува кон неа. Фатима го чека својот љубовник Калил, а Францисказаспива пред зајдисонце и не се сеќава на денот што изминал, исто какои секоја вечер. Но таа вечер Калил заглавува во лифтот, а Карпати – во шишето со коњак, во таа соба, во тој стан ист како илјадници други…
„Арапска ноќ“ се состои од пет монолози кои се вешто испреплетени во една комплексна целина. Ваквата форма ја истакнува изолираноста и осаменоста која ја носи модерниот живот во градовите, каде што луѓето живеат толку блискуедни до други, а толку ретко комуницираат меѓу себе. Оваа приказна е проткаена со многу егзотика, не само како контрапункт на задушливоста на животот во градот, туку и како јасна потреба за бегство од секојдневната рутина која ја наметнува современото живеење.

Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, драматург


Роланд Шимелфениг е еден од најистакнатите современи драмски писатели. Роден е во Гетинген, Германија, во 1967 година. Неговите текстови се преведени и поставувани на над 20 јазици. Пред да заврши театарска режија во Минхен,работел како новинар и автор во Истанбул, а потоа – како асистент на режија, драматург и драмски автор во Берлин, Минхен и Хамбург. Добитник е на бројни награди за неговите дела, меѓу кои е и најпрестижната награда за драмски писатели во Германија – Елзе Ласкер-Шулер. Пишува на неконвенционален стил, кој често се карактеризира совешто комбинирање на дијалозите со внатрешни монолози и сценски упатства.Негови најпознати драмски дела се „Арапска ноќ“, „Златниот змеј“, „Краткоденица“, „Жена од минатото“, „Еве сум“, „Идоменеј“, „Пеги Пикит го гледа лицето на Господ“, „Животинското царство“, „Push up 1-3“ и други.

ЗА НАС

Националната Установа Центар за Култура “Марко Цепенков“ Прилеп цели 40 – ет години го создава, чува и негува богатото културно наследство, вткаено во сопствениот подем, во растот на градот кој неуморно покажува и докажува дека раѓа и одгледува писатели, сликари, актери, музичари, слободоумни луѓе со визија.

Повеќе Артикли..

Зачленете се за Новости



Бидете секогаш во тек со новите случувања