Печати

Изложба „Персона“ од Филип Цакоски

Во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп e отворена изложбата „Персона“ од прилепскиот уметник Филип Цакоски. ( од 20.04 до 5.05.2022г.).

На Филип Цакоски ова му е прва самостојна изложба во Прилеп, поддржана од Министерството за култура во годишната програма за 2022 на Центарот.

„Персона“ е изложба проследување, продлабочување во битието позади физичкиот изглед и како човекот се претставува. Внатрешните потреби, пориви, скриени или навидум заборавени желби, фантазии и незадоволства- како сила која во позадина управува со нашата личност (персона) која ја креираме пред другите – вели авторот.

Според поетот Филип Димкоски, изложбата „Персона“ од вајарот Филип Цакоски, може да се разгледува и како своевидно продлабочување на мотивите што го окупираа во претходната негова изложба „Обвивки“, но и како сосема самостоен концепт со нови перцепции ...

-Ако во првата изложба го увидовме постоењето на кожурците, обвивките и маските, кои не нѝ даваат да дишеме и да се претставиме онакви какви што сме, овде во новите единаесет дела, обвивките полека паѓаат и се отвора можноста да се види личноста со својата посебност и своето достоинство. ... Оваа изложба е една можност да погледнеме во себе(не)совршенството, да навлеземе малку подлабоко во нас и да откриеме колку личности, колку лица и наличја криеме во нас самите. Тоа трагање кон внатрешните светови на самите нас, го обојува животот со смисла за постоењето..Од тие длабочини надоаѓа и уметничкиот порив кој Цакоски го материјализира преку своите дела и го подарува на публиката со цел да овозможи на уметничка наслада, но и да поттикне, да запраша, да замисли, да порача... вели Димкоски.

За авторот

Филип Цакоски, 1998, Прилеп, Република Македонија е дипломиран вајар на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, отсек вајарство, модул сценографија, во класа на проф. м-р Жарко Башески.
Член на ДЛУМ од 2020 година, учесник на повеќе групни изложби и настани, во и надвор од државата.


AdmirorGallery 3.0, author/s Vasiljevski & Kekeljevic.