Печати

„ЗЕМЈА“- изложба од Бојана Артиновска Трпческа

Во ликовниот салон отворена е изложбата „Земја“ од нашата уметница Бојана Артиновска Трпческа. ( 20.05. до 2.06.2022).

Современите еколошки концепти кои се однесуваат на заштита и чување на природниот екосистем: зголемување на свесноста за припрадноста на човекот во природата, неговото влијание врз неа преку разните активности, реципрочниот меѓусебен однос и обидите за создавање на живот усогласен со животната средина, претставуваат движечка сила и мотивација за создавање на најновиот сликарски циклус на академската уметница Бојана Артиновска Трпческа, за кој историчарот на уметност Викторија Димеска вели дека е создаден по инспирација од древната кинеска мудрост – фенг шуи.

- Таа создава боени апстрактни пејзажи, поделени во две фази: зелена и кафена. Зелената фаза е насловена „Зародиш на бујноста“ и неа ја сочинуваат апстрактни пејзажи во кои изобилуваат тонови на зелената боја – метафора за создавањето на животот, дарежливоста и плодноста на земјата. Кафената фаза ја сочинуваат боени апстракни композиции во кои преовладува широк спектар на кафени тонови и нијанси: тргнувајќи од транспарентни окер тонови и финиширајќи со интензивни кафено-виолетови нијанси. Во оваа втора фаза кафената боја ја симболизира темнината, стабилноста и потпората . Со транспонирањето на функцијата „мајка“ врз мотивот земја и изборот на бојата како ликовен елемент, транформирајќи ја во метафора: зелена боја – плодност и изобилство, и кафена боја – темнина и потшората, уметницата Трпческа создава воодушевувачки композиции во коишто се отелотворува женскиот принцип. Дополнително, овие апстрактни пејзажи со еколошки асоцијации претставуваат и боени интервенции кои делуваат на внатрешниот амбиент во просторот – потенцира Димеска.


AdmirorGallery 3.0, author/s Vasiljevski & Kekeljevic.